56-то издание на Струшките вечери на поезијата

23.08.2017 16:05

Струшките вечери на поезијата почнаа со традиционалното садење дрвце во паркот во градот. Годнешниот лауреат, Чарлс Симиќ вели- трет пат сум во Македонија- никогаш не сум престојувал долго, но секогаш сум се чувствувал пријатно...

Со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата, почна 56-тото издание на Струшките вечери на поезијата. На првото поетско читање на константиновата „Т'га за југ“ дел од учесниците заедно со годинашниот лауреат, американскиот поет Чарлс Симиќ. На меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ настапуваат триесетина поети од странство и од земјава.

Добитникот на наградата „Златен венец“ е роден во Белград во 1938-ма година. Тој е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Поезија почнал да пишува во средно училиште, а на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс.

Искусните љубители и проучувачи на поезијата велат дека неговата поезија се одликува со впечатлива концизност, со истенчен слух за ритам, со зачестено користење на римата, асонанцата, синтаксички паралелизми...

И оваа година на локации покрај Охридско Езеро ќе се одржуваат музичко- поетските „Ноќи без интерпункција“. Струшките вечери на поезијата завршуваат на 28-ми август со поетската манифестација „Мостови на струга“ и врачување на наградите на годинашните добитници.

 

Александра Спировска