Свечено отворени Струшките вечери на поезијата

24.08.2017 15:19

Синоќа свечено беа отворени Струшките вечери на поезијата. Поддршката од Министерството за култура нема да биде само во функција на рутинско одржување на една голема и традиционална културна манифестација, вели министерот Алаѓозовски. Годинашен добитник на Златниот венец, американскиот поет Чарлс Симиќ, се претстави со дел од својот опус...

Со антологиската песна „Т’га за југ“, која се рецитираше на македонски и на англиски јазик, и со спектакуларен огномет, Струга по 56-ти пат докажа дека е уникатен град на поезијата.

Не помалку од мечот освоил зборот. И тие војни понекогаш се и пострашни и посвирепи од оние другите. Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А, тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно, рече на отворањето директорот на Струшките вечери на поезијата Стефоски.

Децении наназад овој фестивал, кој не случајно се одржува во Струга, градот на браќата Миладиновци, од кои помладиот, Константин Миладинов, ги постави темелите во создавањето на нашиот автентичен поетски израз, претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии кои ја движат уметноста напред и ги шират не само нејзините хоризонти туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто, истакна министерот Алаѓозовски.

По свеченото отворање на 56-те Струшки вечери на поезијата на програмата се: Портрет на Иван Џепароски, минатогодишен добитник на наградта „Браќа Миладиновци“; Поетско читање на поетите од потесниот избор за годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“; Симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“; Портрет на Горан Чолакхоџиќ, добитник на наградата „Мостови на Струга“, Претставување на програмата „Креативна Европа“ и платформата ВЕРСОПОЛИС; Вечер на македонската поезија; како и Вечер со досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ по повод 55-годишниот јубилеј.

Александра Спировска