По 6-ти пат „Џез викенд“ во Прилеп

25.08.2017 10:58

Љубителите на џез музиката ќе уживаат овој викенд во Прилеп. По шести пат се одржува џез викендот кој создаде своја традиција, публика и можност македонските и музичарите од регионот да покажат зошто токму џез музиката е она што ги фасцинира. Фестивалот почна синоќа и ќе трае до 26-ти август. Се промовираше и компакт диск со досегашните учесници.

Почна уште еден, шести по ред, Џез викенд во Прилеп. Со врвни џез- музички имиња од земјава и странство и со публика која, како што вели, ужива во хармонијата што ја нуди џез музиката.

Фестивалот создаде своја традиција- да претстави по еден Биг Бенд на отворањето.

„Тоа што сите не поврзува во овој состав, нормално е џезот како основна именка, што за сите нас значи среќа и слобода, а и простор каде што можеме да се изразиме“, вели Џијан Емин, Биг Бенд на Здружение на џез музичари.

„Оваа традиција во Прилеп фати корени. Успеавме да формираме Здружение на џез музичари на Македонија и генерално да ја заживееме сцената“, смета Владан Дробицки, селектор.

За петте изданија, џез фестивалот доби и компакт- диск со 40-ина познати македонски и музичари од регионот. Дискот е илустриран со прилепското поднебје и необичните карпести форми.

„Може да се најде поврзаност меѓу џез музиката и фотографиите“, вели Александар Војнески, фотограф.

Џез-викендот како фестивалско издание станува препознатлив бренд.

„Со голем ентузијазам, а многу скромно, фестивалот прерасна во едно од најпознатите и најголемите случувања, не само во Македонија, туку и во регионот“, изјави Снежана Ристеска, локална самоуправа.

Вечер и утре публиката може да ужива во настапите на музичарите од Белград, Украина, Франција и во изведбите на Џон Илија Апелгрин и Мартин Ѓаконовски Трио.

Елизабета Митреска