Со 25 мерки ќе се унапредува состојбата на македонскиот јазик

06.09.2017 16:46

Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, како и за поддршка на издавачката дејност на нови научни дела, ова се дел од сетот мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик. Од новоформираниот Совет велат дека ќе има ревизија на наставните планови и програми...

Со 25 мерки ќе се унапредува состојбата на македонскиот јазик, најавија од новоформираниот Совет. Отворање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, основање Фонд за поддршка на издавачката дејност на нови и повторно издавање на научните дела посветени на македонскиот јазик од сите области, се дел од мерките кои треба да се реализираат.

За афирмирањето на македонскиот јазик е предвидена и дебата за законот, ќе биде основан и Фонд за стипендирање на студирањето на македонски јазик на универзитетите во земјава и ревизија на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на обазованието, а е предвидена и материјална поддршка за вработување на научен подмладок во унивезитетите и институтите што се занимаваат со македонски јазик.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе прерасне во Македонистички центар „Македоникум“ кој ќе има функција да организира летна школа, постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски, да формира Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство и школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од државата.

Според претседателот на Советот, Људмил Спасов, првпат по осамостојувањето се одвојуваат пари за формирање на фондови и изработка на проекти со кои ќе се афирмира македонскиот јазик.

 

Наташа Јанчиќ