Катедра за современ танц на универзитетот во Штип

07.09.2017 16:09

Современ танц во три години преку интензивна практична и теоретска настава на универзитетот „Гоце Делчев“. Покрај домашниот стручен кадар, програмата ќе ја одржуваат врвни педагози од странство, а студентите ќе имаат можност за практична работа со нови танцови продукции.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се отвора Катедра за современ танц. Програма дизајнирана како тригодишен циклус, во која преку интензивна практична и теоретска настава, студентите ќе добијат комплетно академско образование во областа. Покрај домашниот стручен кадар, програмата ќе ја одржуваат врвни педагози од странство, а студентите ќе имаат можност за практична работа со нови танцови продукции.

Според програмата, катедрата ќе остварува соработка со партнерски образовни институции од Холандија и Швајцарија и универзитети за танц од Европа и Кина. Со тоа се отвoра можност за студентска размена и привлекување на странски студенти, што во иднина ќе овозможи Македонија да стане еден од водечките центри во областа на едукација за соврeмен танц.

Уписот на идните студенти на Катедрата за современ танц е во тек и конкурсот е отворен до 14-ти септември. Кандидатите треба да имаат завршено средно образование, ќе следи проверка на физичките способности на кандидатот, изведба на кратка кореографија по сопствен избор и кратко интервју.

 

Александра Спировска