МНТ со претставата „Разговори во четири очи“ на фестивали во Словачка и Белорусија

11.09.2017 11:46

Претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ, од авторот Ингмар Бергман, а во адаптација на Тамара Барачков, ќе настапи на сцените на два престижни меѓународни театарски фестивали во Словачка и Белорусија...

Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ, од авторот Ингмар Бергман, а во адаптација на Тамара Барачков, ќе настапи на сцените на два престижни меѓународни театарски фестивали во Словачка и Белорусија.

На фестивалот во Кошице, Словачка, МНТ ќе настапи денеска во 17 часот. Фестивалот во Кошице е значаен културен настан на кој учествуваат театарски куќи од Полска, Чешка, Унгарија, Македонија и други.

Еднаш годишно, пак, во Брест, Белорусија, театрите од целиот свет на белоруската публика ѝ ги прикажуваат своите најдобри дела. Во селективната фестивалска програма ќе настапат 28 театарски куќи, а фестивалот ќе трае до 17 септември. МНТ ќе се претстави на 12 септември со почеток во 18 часот.

По Меѓународниот театарски фестивал во Белорусија, екипата на „Разговори во четири очи“ во состав: Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски ќе отпатува за Србија, каде што на 15-ти септември ќе игра во театарот во Суботица.