Месна индустрија

Се укинува царината за смрзнато свинско месо

11.09.2017 15:33

Домашната месна индустрија очекува по 1-ви октомври да стане поконкурентна. Се укинува царинската давачка за увоз на смрзнато свинско месо наменето за преработка.

Ќе се укинува царинската давачка за увоз на смрзнато свинско месо наменето за преработка. Од Групацијата за преработка на месо велат дека целта е да се стимулира домашното производство, а домашните преработувачки капацитети да добијат рамноправна положба со странските производители.

Царината при увоз на смрзнато свинско место за преработка, се движи од 19, 25 и 36 проценти. 

Според Групацијата, оваа мерка треба да ја смени сликата во маркетите која сега е во прилог на странските производи. Се очекува со укинувањето на царинската давачка оваа година домашните капацитети да го зголемат производството за 16.000 тони или скоро за 30 проценти повеќе од лани.

Потребите од полутрајни и трајни преработки на месо годишно во земјава изнесуваат околу 17.000 тони, од кои со домашна преработка се подмируваат околу 65 проценти.

Од групацијата уверуваат дека смрзнатото месо за преработка нема да заврши во трговијата, посочувајќи дека има ригорозни казни.

Лани биле преработени 11.500 тони месо. Според податоците, само 15 проценти од месото на македонскиот пазар било од домашно производство.

 

Дијана Ценевска