„Фероинвест“ ќе учествува на повторениот тендер на „ЕЛЕМ“

11.09.2017 16:44

„Фероинвест“ ќе учествува на повторениот тендер на „ЕЛЕМ“. Антикорупциска комисија смета дека нема судир на интереси. ВМРО-ДПМНЕ бара да се вклучи јавниот обвинител во случајот...

Тендерската постапка на државната енергетска компанија „ЕЛЕМ“ сѐ уште не е завршена. Се очекува да биде закажана третата јавна електронска аукција за набавка на транспортни ленти за потребите на „РЕК- Битола“, велат од компанијата „Фероинвест“, во која еден од тројцата основачи е вицепремиерот Кочо Анѓушев. И досега компанијата добивала на тендери на „ЕЛЕМ“ дел од набавките, односно одделни лотови, а вкупната вредност на последниов тендер се проценува на 4 милиони евра, велат од Фероинвест.

„И досега Фероинвест во конзорциум со странски партнер на повеќе пати добиваше значителен дел од предвидените лотови. Најчесто добиваше само еден дел за вакви транспортни ленти кој е строго специјализиран“, изјави Ратко Ѓорѓиоски, управител на „Фероинвест“.

Реагираше и Антикорупциската комисија. Сметаат дека нема судир на интереси.

„Согласно Законот за спречување корупција таму не постои судир на интереси, но етичкиот и моралниот дел кој секој од нас кој е на јавнаа функција мора да го има е веќе друга работа“, изјави Игор Тантуровски, претседетал на Антикорупциска комисија.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е скандал од невидени размери и типичен пример за злоупотреба на државниот буџет за богатење на владејачката врхушка.

„ВМРО-ДПМНЕ го повикува надлежното Јавно обвинителство да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата „Фероинвест“ која е на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Потребно е итно поништување на тендерот како и оставка на мултимилионерот Кочо Анѓушев“, изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирајќи го случајот со тендерот на „ЕЛЕМ“, преиерот Заев со изјава дека нема конфликт на интереси, затоа што Анѓушев не е управител на „Фероинвест“, а самата тендерска постапка отпочнала многу порано.

Самиот Анѓушев соопшти дека нема конфликт на интереси затоа што се повлекол од сите управувачки функции во групацијата „Фероинвест“ согласно со законскиот рок од 30 дена, заклучно со 25-ти јуни годинава.

Од државната „ЕЛЕМ“ излегоа со соопштение дека првата јавна акуција за сите 5 лота од јавната набавка била одржана на 3 јули, а втората на 8 август, но и двете биле вратени на повторна евалуација со одлуки на Државната комисија по жалби на јавни набавки.

Свето Николовски