Најлошото од ураганот „Ирма“ заврши, опасноста останува

12.09.2017 12:25

Од ураган, „Ирма“ премина во тропска бура, а најверојатно до вечер дополнително ќе губи на сила, соопшти американскиот Национален центар за урагани. Ветерот, пропратен со обилен дожд, се движи со брзина од 55 километри на час. Поради ураганот, околу 6,5 милиони домови во Флорида останаа без електрична енергија. Во минатата недела на Карибите загинаа 37 луѓе...

По пустошот на Карибите и на Флорида, бурата „Ирма“ продолжува да се движи кон северот на Соединетите Американски Држави, предизвикувајќи штета и на местата каде што многумина се обидоа да се засолнат. Поројните дождови поплавија голем дел од Џорџија и од Јужна Каролина, а плимата ја влоши дополнително ситуацијата на крајбрежјето.

Гувернерот на Флорида, Рик Скот предупреди: Најлошото од ураганот заврши, но опасноста останува.

Не враќајте се дома веднаш. Далноводите се уништени насекаде, а патиштата се непроодни. Преплавени сме со отпад и урнатини. Приоритет е да не се изложувате на дополнителен ризик“, изјави гувернерот Скот.

На Флорида се регистрирани неколку смртни случаи. Две третини од домаќинствата останаа без електрична енергија.

Ќе градам пак. Јас живеам крај океанот. Одамна сум го прифатил ризикот.

Си ги видов соседите. Кога излегував, зборував со еден од нив, добро беше. Преживеа.

Екипите во Мајами го расчистуваат теренот, а Џексонвил е претворен во езеро. Граѓаните ставаат бели предмети пред домовите за да ги забележат спасувачките екипи.

Пред да стигне на копното на Соединетите Американски Држави, ураганот кој беше во петта категорија опсутоши голем дел од Карипскиот Архипелаг, оставајќи зад себе многу жртви и повредени.

Нашиот врховен командант Кастро не научи да бидеме обединети, да бидеме со народот. Ова е народот.

Готвам на оган со дрва, или што и да најдам, зашто колку и да се подготвувам, ништо не трае повеќе од три дена. Тешко е.

Холандскиот крал Вилем Александер го посети островот Свети Мартин.

Гледам урнатини и очај. Од друга страна, гледам луѓе кои го расчистуваат островот и веруваат дека обединети ќе изградат се повторно. Сѐ уште веруваат во иднината. Холандија ги поддржува и им помага на своите прекуморски територии“, изјави Вилем Александер, Крал на Холандија.

Карипските острови се изложени и на опасност од ураганот „Хозе“, којшто се движи над западниот дел од Атлантикот.

 

Маја Филдишев