КСС: Економско- социјалниот совет да се активира

12.09.2017 16:14

Освен поголеми плати, да има и подолго породилно отсуство- бара Конфедерацијата на слободни синдикати. Оценуваат дека Економско- социјалниот совет не е доволно ефикасен во исполнувањето на работничките права.

Конфедерацијата на слободни синдикати побара продолжено породилно од девет на 12 месеци за подршка на мајчинството. Не отстапува од барањата, повисоки плати во јавниот сектор за 19 насто согласно зголемувањето на минималецот и скратено работно време од седум часа во институциите со двосмено работење.

Реагираат- Економско социјалниот совет не функционира, не можеме да ги искажеме своите ставови и барања. Извршниот одбор добил насоки да свика вонредна конференција, се закануваат со порадикални чекори.

„КСС нема да отстапи од своите барања, даден е налог од Извршниот одбор да се свика вонредна конференција, со една точка, функционирање на Економско- социјалниот совет. Се надеваме, нашите сознанија се дека ако не се поправат ваквите состојби, КСС ќе излезе со порадикални чекори, во прво време масовни простести“, вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од Конфедерација тврдат дека сите барања што ги имаат се усогласени со Законот за работни односи и со меѓународните конвенции за труд. Посочуваат дека веќе испратиле и дописи до Министерството за труд и социјала, но сѐ уште немаат одговор.

 

Сузана Фиданска- Стоевска