Поднесени 662 барања за финансиска помош за млади земјоделци

13.09.2017 10:23

На младите земјоделци кои ќе почнат сопствен бизнис, државата ќе им помогне со неповратна финансиска помош до 600 илјади денари. На огласот кој траеше до крајот на август поднесени се 662 барања...

Заврши рокот за аплицирање за неповратни 10.000 евра финансиска поддршка за млади земјоделци, кои сакаат да почнат сопствен бизнис. Документи поднеле 662 лица, а пристигнатите апликации веќе се разгледуваат, за да се утврди дали ги исполнуваат предвидените услови во огласот.

На барателите кои ги исполниле критериумите Платежната агенција ќе им даде решение, по што ќе се врши исплатата која се очекува да биде завршена до крајот на 2017 година.

По одобрувањето на субвенцијата, парите се исплаќаат најмногу на три рати.

Право за аплицирање имаат земјоделци не постари од 40 години, за финансирање на основните средства за работа.

Добивањето на субвенцијата ќе зависи и од освоените бодови, односно од тоа каде се наоѓа стопанството и за која намена се аплицира.

Најголем број бодови носат барањата за набавка на опрема за чување и складирање на производсто, за опрема за преработувачките капацитети и членството во земјоделски задруги.

 

Методија Трајков