Јункер: Мораме да нудиме веродостојни изгледи за проширување на ЕУ за Западен Балкан

13.09.2017 12:18

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во својот годишен говор за состојбата на Унијата, зборувајќи пред Европскиот парламент рече дека ЕУ „мора да продолжи да нуди веродостојни изгледи за проширување на ЕУ за Западен Балкан“. Но, според него „јасно е дека нема да има понатамошно проширување за време на овој мандат“, јавува дописникот на МРТ од Стразбур.

„Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, мора да понудиме веродостојни изгледи за проширување (на ЕУ) за Западен Балкан. Нема да има нови земји- членки за време на мандатот на оваа Комисија и овој Парламент, бидејќи критериумите за пристапување сé уште не можат да се исполнат“- беше јасен претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во својот годишен говор за состојбата на Унијата, зборувајќи пред Европскиот парламент во Стразбур.

Но, во наредните години Европската унија ќе има повеќе од 27 членки. За сите земји- кандидати мора да се даде апсолутен приоритет на почитувањето на владеењето на правото, правдата и основните права, порача претседателот на ЕК. Ова, според него го исклучува пристапување на Турција во ЕУ во блиска иднина.

„Од пред некое време, Турција се оддалечи од Европската унија. Местото на новинарите е во редакциите, таму каде што преовладува слободата на изразување. Нивното место не е во затворите“, изјави Јункер. Тој испрати повик до турските власти: да ги ослободи новинарите, и не само новинарите.

„Престанете да ги навредувате нашите земји- членки и шефови на држави и влади, нарекувајќи ги фашисти или нацисти. Европа е континент на зрели демократии. Тој што навредува го затвора патот кон нашата Унија. Понекогаш чувствувам дека Турција се обидува да го затвори овој пат, а потоа да ја направи Европската унија одговорна за неуспехот на преговорите за пристап“, нагласи Јункер. Додавајќи, притоа дека од страната на ЕУ, секогаш ќе ја задржи подадената рака кон големиот турски народ и сите оние кои се спремни да соработуваат со ЕУ врз основа на европските вредности.

Тони Глемчевски, постојан допсиник од Стразбур за МРТ