Франција: Протести против Законот за работни односи

13.09.2017 12:37

Синдикатите во Париз протестираат поради предложените измени за Законот за работни односи. Мирниот собир во француската престолнина ескалираше во физичка пресметка меѓу полицијата и група демонстранти. За време на собирите, претседателот Макрон беше во посета на дел од прекуморските територии на Франција кои настрадаа од ураганот „Ирма“ на Карибите.

Полицијата со солзавец и водени топови интервенираше против демонстрантите, кои ги напаѓаа со димни бомби и камења специјалните единици во Париз за време на протестот против предложените измени на Законот за работни односи, едно од предизборните ветувања на претседателот Емануел Макрон.

Со новите мерки ќе бидат зголемени овластувањата на работодавачите, ќе се одреди горната граница на оштета во случај на спор, ќе се скуси рокот за поднесување тужба од работникот, а преговорите околу проблемите на работното место ќе се решаваат на ниво на компанијата, а не преку генералните договори од индустријата.

Собирот во Париз беше организиран од Генералната конфедерација за труд, еден од најголемите синдикати во земјата. Останатите два, иако не се согласуваат со реформите на Макрон, не повикуваат на протести.

„Ова е првиот протест и мина успешно. 60 илјади луѓе одговорија на повикот на синдикатот“, изјави Филипе Мартинез, претседател на синдикатот ЦТГ.

Собири се одржаа и во неколку други градови во Франција. Наредниот е закажан на 21-ви септември. Организаторите очекуваат мобилизирање на поголем број демонстранти во наредните недели.

Усвојувањето на мерките е планирано за 22-ри септември.

 

Маја Филдишев