225 милиони евра државна помош

13.09.2017 13:29

225 милиони евра биле потрошени во изминатите десет години за 25 странски компании кои вработиле 20 илјади лица. Eден вработен ја чинел државата 11 илјади евра...

Вкупно 225 милиони евра биле потрошени во изминатите десет години за 25 странски компании кои вработиле 20 илјади лица, информираше портпаролот на Владата, Бошњаковски. Анализата покажала дека 26 милиони евра биле пари дадени во готово, 69 милиони за даночни и царински олеснувања, 130 милиони за привлекување странски инвеститори или еден вработен ја чинел државата 11 илјади евра. Бошњаковски ги презентираше досега тајните податоци за субвенциите на државата за странските компании.

 „Во овој период од десет години вкупното даночно олеснување кое странските инвеститори го добиле по основ на даночно и царинско ослободување изнесува 69 милиони евра. Овие пари можеле, но не влегле во буџетот на Република Македонија“, изјави портпаролот Миле Бошњаковски.

Според податоците, вработувањата, во најголем дел не биле нови, туку биле преземени работници од македонското стопанство. Договорите биле склучувани без јасни критериуми за преговарање, преговарале министри, советници, вели Бошњаковски. Сите овие договори се сѐ уште важечки и Владата ќе ги исполни договорените обврски со сите компании.

„Ова е сумираниот резултат од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг и кои биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Сакаме да појасниме дека не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање“, вели Бошњаковски.

Набавките на странските инвеститори од македонските добавувачи биле во вредност од еден процент од нивните вкупни набавки, велат од Владата. Во наредниот период сите податоци ќе бидат доставени и до македонските правосудни органи.

 

Дијана Ценевска