Шеќеринска- Креј: Македонија членка на НАТО е заедничка цел

13.09.2017 14:18

Македонија членка на НАТО е заедничка цел, бидејќи служи на дватата крупни интереси, стабилен регион но и безбедни граѓани, изјави министерката Шеќеринска по средбата со командантот на Националната гарда од Вермонт. Стратегиското партнерство што го имаме е бенефит за двете земји, смета генералот Креј...

Македонија смета на своите стратегиски партнери, особено сега кога работиме на целта, членството во НАТО, вели министерката за одбрана Шеќеринска. Ваквите определби не се само зборови, туку се потврдени на дело и преку учеството во странските мисии.

На средбите на министерката Шеќеринска и на началникот на генералштабот, генерал-потполковник Величковски со командантот на националната гарда од Вермонт, потврдена одличната воена соработка. Во досегашните заеднички вежби учествувале околу 4.500 припадници на АРМ, што е нешто повеќе од вкупниот активен армиски состав.

Стратегиското партнерство е бенефит за двете страни, оцени генералот Креј. Најави продолжување на заедничките активности во одбраната.

Во 2010-та година припадници на АРМ и на Националната гарда од Вермонт заедно учествуваа во мисијата ФЕНИКС во Авганистан. Генералот Креј смета дека има простот за соработка и во справувањето со кризните ситуации, менаџирање со персоналот и ресурсите и координација со останатите државни институции.

Милчо Велески