Македонија и БиХ потпишаа договор за признавање на возачките дозволи

13.09.2017 14:55

Македонската Влада и Советот на министри на Босна и Херцеговина потпишаа договор за признавање на возачките дозволи. Сугаревски и Јуско најавија дека наскоро ќе се обнови авиолинијата Сараево. Разговарале и за приклучување на Босна во Транспортната заедница и продлабочување на соработката во патниот сообраќај.

На македонските возачи нема да им е потребна меѓународна дозола за Босна и Херцеговина. Потпишан е билатерален договор за заемно признавање на возачките документи.

Освен со БиХ, досега ваков договор Македонија има потпишано со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и со Србија, а во тек е процедурата за потпишување договори со Косово, Турција, Велика Британија и Германија.

Пред потпишувањето на договорот, министерот за транспорт и врски Сугаревски имаше средба со неговиот босански колега Јуско. Како приоритет во соработката го најавија возобновувањето на директната авиолинија меѓу Скопје и Сараево.

„Босна и Херцеговина и Македонија долго време имат добри односи, а со потпишувањето на договорот односите се унапредуваат. Имаме намера во најскоро време да работиме на возобнувањето на авиолинијата Сараево- Скопје. Долги години двете земји немаат дозволи кога е во прашање размената на стока. Во 2016-та размената била 75 милиони евра. Се надевам во 2017- та ќе биде многу поголема“, рече министерот за комуникации и транспорт  на БиХ, Исмир Јуско.

Двајцата министри разговарале и за приклучувањето на Босна и Херцеговина во Транспортната заедница, како и за продлабочување на билатерланата соработка во патниот сообраќај.

Наташа Гркова- Петрушевска