ОБСЕ/ ОДИХР почна со процесот на набљудување на локалните избори

13.09.2017 15:51

„Ќе набљудуваме, не се мешаме“- 16 експерти на ОБСЕ веќе се во Македонија. Неделава ќе пристигнат уште 20, а пред локалните избори ќе им се придружат уште 300 колеги.

Регистрација на кандидатите и гласачите, кампањата, работата на институциите, известувањето на медиумите и годинава на локалните избори ќе ги следат прeтставниците на ОБСЕ/ ОДИХР.

Над 300 набљудувачи од оваа организација ќе бидат на отворањето на гласачките места, додека трае гласањето, како и на пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.

Според амбасадорката на ОБСЕ/ ОДИХР, Одри Гловер, мисијата ќе ја оценува усогласеноста на изборите со заложбите на Организацијата за европска безбедност и соработка и со другите меѓународни прописи и стандарди за демократски избори, како и со домашната регулатива.

Претставници на мисијата ќе се сретнат со државните власти, политичките партии како и со кандидатите и со претставниците на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница.

На денот на изборите ОБСЕ ќе одржи конференција со првичните наоди од гласањето. По два месеца од локалните избори, ќе биде објавен конечниот извештај за изборниот процес.

 

Наташа Јанчиќ