Распишана потерница по Едмонд Темелко

26.09.2017 13:55

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1- Скопје вчера го прифати барањето на СЈО и му определи на Темелко мерка 30-дневен притвор, која ќе важи од денот на неговото наоѓање.

По градоначалникот на општина Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, распишана е централна и меѓународна потерница, информираат од скопскиот Кривичен суд. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1- Скопје вчера го прифати барањето на СЈО и му определи на Темелко мерка 30-дневен притвор, која ќе важи од денот на неговото наоѓање.

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) за определување мерка притвор против обвинетиот Е.Т., на нејавна седница одржана на 25.09.2017 година, веднаш по прием на предлогот во судот, донесе решение со кое го уважи предлогот на СЈО и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т. 1 од ЗКП, се наведува во соопштението од Судот.

Темелко е обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.