Шеќеринска: Не треба да се фокусираме на рокот за прием во ЕУ, туку на исполнување на реформите

29.09.2017 14:56

Не треба да се фокусираме на рокот за прием во Европската унија, туку на исполнување на реформите и остранување на пречките од нашите соседи, изјави вицепремиерката и министер за одбрана Шеќеринска на Конференцијата за евроинтеграции во Скопје. Поранешниот шеф на дипломатијата Попоски предупреди дека остапките што Македонија ги направи кон соседите можат да бидат опасни доколку не се реципрочни...

Работиме на реформите и отстранувањето на пречките од нашите соседи- изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска како одговор на прашањето- дали Македонија до крајот на годината ќе добие неусловена препорака од Европската унија?

„Нашата цел е да не ја играме играта со датуми, и да шпекулираме околу нив, туку да си ја завршиме нашата обврска и да ја претставиме Македонија во сериозно и одговорно светло. Денеска сум поканета да зборувам на тема- Македонија и нејзината втора шанса. За да не ги упропастиме и овие втори шанси кои ги добиваме како држава, треба да научиме од лекциите од последните 10 или 11 години“, изјави Радмила Шеќероинска, министер за одбрана.

Остапките кон соседите, како оној со Бугарија и сега барањето за ревизија на историјата со Грција, ако не се прави на реципрочна основа, ќе отвори многу повеќе проблеми, вели поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски.

„Доколку тенденцијата е да се создаде еднострана основа за ревидирање на македонски учебници од надвор, во тој случај мислам дека излегуваме од концептот за реципроцитет и во тој случај на некој начин наметнуваме потреба за Македонија да биде обележана како страна која креира проблеми. Во избегнување на овој пристап, мислам дека не ни помага впечатокот кој веќе се оствари кај нашите соседи, а тоа е дека нема непристоен предлог кој би дошол од надвор до нашата Влада, кој таа не би го исполнила“, рече Никола Попоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Странските експерти кои присуствуваа на конференцијата во Скопје во организација на Институтот за европска политика, велат дека блокадата од Грција не е ненадмидлива ако Европската унија навистина сака да почне преговори со Македонија.

„Би кажал и сум оптимист. Ако ЕУ навистина го сака овој моментум, да ги почне преговорите со Македонија, Грција не е ненадминлива пречка“, изјави Адам Феган- професор на универзитетот „Квин Мери“ во Лондон.

Европската унија во претстојниот извештај ќе ги оценува и изборите во Македонија.

Ирина Гелевска