Реакција на МТВ на последниот извештај на ААВМУ

02.10.2017 13:13

Почитувани,

Македонската телевизија – МТВ1 не се согласува со констатацијата на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги во последниот извештај од мониторингот на медиумското известување што се однесува на периодот од 16 до 24 септември 2017 година дека не се следела одредбата за избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија.

Од денот на распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, Македонската Телевизија – МТВ1 известува согласно правилата за медиумско покривање на локалните избори и согласно законските прописи.

МТВ 1 посочува дека наводниот дисбаланс произлегува од времето отстапено на ставови на најголемата опозициската партија за активностите на Владата.

Во извештајот на ААВМУ, и во делот на застапеноста на субјектите во претежно информативните жанрови и во директните обраќања на субјектите, Владата е најзастапена и следствено на тоа отстапено е соодветно  време за опозицијата.

Во оовј контекст, треба да се има и предвид дека во мониторираниот период имаше отчети на министрите за сработеното во првите сто дена на кои реагираа претставници на опозицијата.

Поради тоа што, освен избалансираност, се бара и објективност во информирањето, МТВ1 ги почитува и повисоките законски акти, како што е Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услугикој бара објективност, навременост и точност, а го почитува и највискиот правен акт, Уставот на РМ, кој забранува цензура. 

Во продолжение следува целата одредба од правилата на МРТ за медиумско покривање на локалните избори 2017.

Вестите од распишување на избори до започнување на изборната кампања

МРТ1 во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од етичкиот кодекс на новинарите на Република Македонија и на МРТ, како и принципите за покривање на изборите, и ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија. Ќе се обиде да информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието на РМ.

Што се однесува до помалите партии кои не се претставени во Собранието на РМ, МТВ1 води сметка да бидат застапени согласно нивните активности кои инаку не се секојдневни. 

 

Со почит,

Уреднички колегиум на МТВ1