Иницијативата „Еден појас, еден пат“ можност за економски развој на регионот

06.10.2017 14:42

Во Охрид се одржува третата конференција Кина- Централна и Источна Европа, која е посветена на улогата на човечкиот капитал во иницијативата „Еден појас, еден пат“. Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во обраќањето на собирот рече дека Македонија сака да биде дел од новиот пат на свилата, кој ќе придонесе за мир и просперитет во регионот, како и за поврзување помеѓу цивилизациите.

Проектот „Еден пат, еден појас“ е комплементарен на европскиот за слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал, бидеќи конечно ќе отвори ново просперитетно поглавје за нашиот регион. Ова во обраќањето на Конференцијата го рече претседателот Ѓорѓе Иванов нагласуваќи дека со инфраструктурните проекти земјите од регионот ќе бидат цврсто поврзани и ќе ја зголемат компетитивноста на економиите за странски инвестиции.

„Бидеќи ЕУ се уште не ги подржува крупните инфраструктурни проекти, одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата 16+1 да градиме важен дел од европскиот Коридор 8. Ќе го споменам и проектот за брзата пруга од Будимпешта до Белград што низ Република Македонија треба да продолжи до Пиреја. Се залагаме и за обновување на проект за поврзување на реките Вардар, Морава и Дунав со Егејското Море“- изјави претседателот Иванов.

Покрај веќе потрошените 10 милијарди долари преку иницијативата 16+1, кинеските банки за инфраструктурни, но и за други проекти во земјите од регионот имаат на располагање повеќе од 50 милијарди долари.

„Покрај во инфраструктурата уште поголеми се можностите за развој на науката, образованието, а особено туризмот. Кинеските претставници токму овде во Охрид можат да се уверат во туристичките потенцијали на Македонија и можностите за инвестирање во оваа сфера“, вели Матеуш РашковиќЕкономски факултет- Љубљана.

„Доколку кинеските туристи би знаеле колку е убаво ова место, сигурно би дошле тука. Имате прекрасно вино, вашето сирење е најубавото што сум го вкусил, но само со поголемо производство би можеле да задололите само дел од побарувачката на градот Чанду, кој има 16 милиони жители. Тоа се примери кои укажуваат на потребата од поинтензивна соработка на обостран интерес“, изјави Де-Џун ЦаоУниверзитет за меѓународни финансии и економијаСечуан- Кина.

Во рамки на Иницијативата 16+1 донесена е одлука Република Македонија да биде седиште на Центарот за културна соработка.

Сашо Нелоски