Каталонија: Неизвесно е прогласувањето независност

10.10.2017 13:13

Каталонските лидери се под силен домашен и меѓународен притисок поради плановите за отцепување од Шпанија, откако регионалниот претседател Пуџдемон се закани со прогласување независност. Официјален Мадрид се закани со блокада. Политичките лидери ги повикаа сепаратистите од Каталонија да се повлечат и да ја запрат најлошата криза во земјата во последниве неколку децении.

Под огромен притисок од Мадрид и Брисел, претседателот на Каталонија Карлес Пуџдемон се подготвува за вечерашниот говор пред Парламентот. Шпанската владејачка партија му се закани со апсење, а премиерот Маријано Рахој најави и распишување на нови регионални избори ако биде прогласена независност.

„Ќе ја запреме независноста на Каталонија. Ќе ги преземеме сите потребни мерки. Отцепувањето нема да се случи, Владата ќе стори се за да го спречи тоа“, изјави Пабло Касадо, портпарол на Народната партија.

„Доколку Пуџдемон прогласи еднострана независност, ќе мора да преземеме мерки и одлуката ќе ја донесе владата на Шпанија. Ќе се обидеме да вклучиме и други политички групи“, изајви Сораја Де Сантамарија, вицепремиер на Шпанија.

Градоначалничката на Барселона бара дијалог.

„Запрете со интервенција во каталонските институции. Повлечете ги полицајците од регионот. Ова се задолжителни чекори за да се отвори простор за дијалог. Ова е најхрабриот чекор кој можат да го направат господата Пуџдемон и Рахој“, смета Ада Колау, градоначалник на Барселона.

Според каталонскиот Закон за референдум, кој според Мадрид е неуставен, со гласањето стартува шестмесечниот процес на преговори за разделба од Шпанија. Осамостојувањето на Каталонија ќе предизвика и економска загуба. Неколку компании веќе го напуштија богатиот регион на североистокот на земјата.

 

Маја Филдишев