Пожари во Калифорнија

12.10.2017 13:04

Противпожарните екипи во Калифорнија се борат со дваесетина пожари. Има жртви и исчезнати. Уништени се големи површини од винарските региони Напа и Сонома...

Силниот ветер значително ја отежнува работата на противпожарните екипи во Калифорнија, кои се обидуваат да го изгаснат огнот кој усмрти дваесетина лица во северниот дел од земјата.

Помош, опрема и тимови стигнуваат и од останатите сојузни држави. Илјадници луѓе останаа на улица, а стотици се водат за исчезнати. Во многу домаќинства е прекинато снабдувањето со електрична енергија.

„Од викендот откако избувна пожарот, работиме непрекинато. Опасноста е во тоа што огнот може да се придвижи во друг правец. Пожарникарите се буквално во средина, меѓу огнот и објектите кои горат сега“, изјави Џонатан Кокс.

Материјална штета е предизвикана и во винарските региони Напа и Сонома. Вонредна состојба е прогласена во уште пет други окрузи.

„Најважна е безбедноста на граѓаните. Имаме среќа што нашите екипи направија мапа со евакуираните области. Жолтиот дел на картата се зоните за евакуација во Сонома. Се гледа од каде сме ги извлекле луѓето. Ова се задолжителни евакуации“, изјави Роб Џордано, шериф во Сонома

„Се обидуваме да спасиме нешто. Планираме да ги задржиме работите и да ги чуваме како потсетник на ова низ што минуваме сега, кога ќе изградиме повторно. Успеавме да ги спасиме двете кучиња и мачката“, вели Дејвид Лил.

Оваа серија пожари е една од најсмротносните во историјата на Калифорнија. Претседателот Доналд Трамп одобри активирање на итна федерална помош.

 

Маја Филдишев