Четири години затвор за напаѓачот на Шекеринска

12.10.2017 14:42

Кривичниот суд во Скопје пресуди- четири години затвор за напаѓачот на некогашната пратеничка Шекеринска за инцидентите во Собранието од април годинава. Осудениот Ангелов изјави дека се кае за стореното дело, има право на жалба пред Апелациски за пресудата.

Четири години казна затвор за насилство му изрече Кривичниот суд на Панче Ангелов, обвинет за нападот врз Радмила Шекеринска во Собранието на 27-ми април. Судијката рече дека биле земени предвид и олеснителните и отежнувачките околности. Досега не бил осудуван и не се водела друга постапка за кривично дел против него, бил примерен и ја признал вината.

Ангелов има право на жалба до повисокиот суд за висината на казната. Тој на претходното рочиште рече дека се обидувал да ѝ помогне на Шекеринска и да ја извлече од толпата. Сепак, изјави дека се чувствува виновен и се извини.

Оштетената страна во процесот, тогашната пратеничка, побара одговорност и за организаторите на собраниските настани. За Ангелов до правосилноста на пресудата остануваат мерките на претпазливост.

 

Наташа Гркова- Петрушевска