Реактивирање на „Југохром“

12.10.2017 14:15

„Југохром“ од Јегуновце треба да почне со работа кон крајот на мај наредната година, со поставен филтер за отпрашување...

До мај 2018-та треба да бидат инсталирани филтрите во фабриката „Југохром“ во Јегуновце. Во Владата потпишан меморандум за разбирање за повторно проработување фабриката.

„Со потпишување на овој меморандум, јасно е дека фабриката ќе продолжи да работи, сопственикот ќе инвестира во системот за отпрашување, односно поставување филтри, а Владата се обврзува да ги сервисира побрзо административните процедури, а работниците добиваат сигурност дека ќе продолжат да работат“, истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Ако се одвива се со некаква нормална динамика, тоа значи дека крајот на мај, почетокот на јуни „Југохром“ ќе биде подготвен за вклучување на печките 7 и 8, вели Васко Скендеровски, претставник на „Југохром“.

Бајрам Амити, од Синдикатот на вработените во фабриката, е уверен дека Владата ќе најде механизми за да врши притисок до сопственикот на фабриката да ја реализира инвестицијата.

Инвестицијата за системот за отпрашување е проценета на 12 милиони евра, а само за печките 7 и 8 изнесува 4,5 милиони евра. Со рестартирањето на „Југохром“, на работа одново треба да се вратат околу 800 работници од тетовскиот регион.