Заев: Развиена Македонија, интегрирана во НАТО и во ЕУ

12.10.2017 16:02

Коалицијата „Живот во Македонија“ е во Пробиштип и во Штип, откако се претстави пред граѓаните на Крушево и на Прилеп. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави развиена Македонија, интегрирана во НАТО и во Европската унија...

Нов закон и поголеми субвенции за тутунопроизводителите најави лидерот на Социјалдемократите - Зоран Заев на митингот во Прилеп. Тутунот ќе се подели во три класи. Првата ќе се откупува за 80, втората за 70, а третата класа за 60 денари по килограм. За да се стимулира аграрот, рече Заев, за се што ќе значи 10 отсто поголемо производство, земјоделците освен субвенции, ќе добијат и награди.

Барајќи поддршка за, како што рече, убедлива победа уште во првиот круг, за Прилеп, Заев ветува развој преку продолжување на процесот на децентрализацијата со цел капиталните проекти да се остваруваат на општинско ниво. Ветува целосна гасификација на градот, изградба на модерен театар, регулирање на депониите, обвнова на старата и изградба на нова канализациска мрежа, подобрување на патната инфраструктура. Зборувајќи за нашата земја во целина, партискиот лидер рече дека ја гледа Македонија интегрирана во ЕУ и, како што истакна, како 30-та членка на НАТО. Во изминатиот период, рече Заев, земјата изгради пријателство со сите соседни земји.

Пред присутните прилепчани зборуваше и кандидатот за градоначалник Илија Јованоски. За учениците од населбата „Сточен пазар“ ветува изградба на ново училиште. Најави отворање работни места, намалување на сметките за вода, изградба на две нови градинки, стипендии за студентите и финансиска помош за средношколците. Околу Прилеп, рече Јованоски – ќе се изградат две обиколници, а градската спортска сала кога ќе се реконструира ќе добие изглед на модерен спортски центар. За пензионерите вети нов старски дом и бесплатен градски превоз.

Коалицијата „Живот во Македонија“ оддржа митинг и во Крушево. Кандидатот за градоначалник Томе Христоски рече дека ќе изгради инфраструктура во индустриската зона „Сува река“, нова водоводна мрежа во руралните средини, ново полетиште за параглајдинг и реконструкција на сите подрачни училишта. Со програмата за оваа општина се издвојуваат и 150 илјади евра за уредување на гробното место на Тоше Проески.

Караванот на СДСМ оддржа средби со граѓани во Кривогаштани и Долнени.

 

Анита Димитријевска