Груевски: Подобар животен стандард на граѓаните и просперитетна држава

12.10.2017 16:03

Карванот на коалицијата „За подобра Македонија“ е во скопски Аеродром и во Велес, откако се претстави пред жителите на Берово и на Делчево. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вети нова ера за подобар животен стандард на граѓаните и просперитетна држава...

Со ваша поддршка можеме секое населено место и град да го направиме поубаво место за живеење. Имаме планови и проекти со рокови за реализација, со кои ќе го олесниме животот на граѓаните- рекоа во Делчево говорниците на митингот на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Додека ние имаме конкретни решенија, нашите опоненти за 4 месеци ја урнисаа државата. Ги зголемија трошоците за живот, најавија зголемување на даноците, ги бркаат инвеститорите од земјата, а граѓаните ја губат сигурноста која ја имаа- изјави лидерот на партијата, Никола Груевски. Вели, овие избори не се само за избор на совет и градоначалник, туку се и избори во која насока ќе се движи Македонија. Груевски изјави оти за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните се на прво место, а целта е повисок животен стандард. Најави и нов проект за сопствен дом и откуп на земјиште по еден квадратен метар.

Ние нудиме нова ера, нова ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера за парк во секое маало, нова ера за 150 илјади нови работни места во Македонија до крајот на оваа декада и намалување на невработеноста под 10 проценти- рече Груевски на митингот во Делчево. Најави и отпис на долгови за вода и комуналии за социјално ранливите домаќинства.

Нови филтер станици, реконструкции на патишта, пазар, обнова на училишта, најави во Делчево коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот кандидат, Иван Соколов, релче дека долку стане градоначалник никогаш нема да дозволи на само 2-3 километри од центарот на Делчево, луѓето да газат во кал. Никогаш нема да дозволам една улична светилка да не свети, нема да дозволам планинските патишта да бидат непробиени, нема да дозволам депонии, Делчево ќе стане европски град, изјави Соколов.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг и во Берово. Кандидатот за градоначалник Никола Атанасов најави изградба на кружен тек во градот, атмосферски и канализациони мрежи, реконструкција на кино салата, но и претворање на Берово во еко град со развој на алтернативниот туризам.

Нудиме можности за сите граѓани бидејќи со новата ера имаме визија и проекти како да го подобриме животот на секој поединец во земјата, беше кажано на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Берово и Делчево.

Миле Ристески