Локални избори 2017: Завршува кампањата, од полноќ молк

13.10.2017 08:24

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе ја заокружи кампањата со средби со граѓани во Дебарца и Вевчани, и со митинзи во Струга и Охрид. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има завршен митинг во Скопје.

На полноќ завршува изборна кампања и почнува молкот пред локалните избори во недела, на 15-ти октомври.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе ја заокружи кампањата со средби со граѓани во Дебарца и Вевчани, и со митинзи во Струга и Охрид. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има завршен митинг во Скопје.

ДУИ ќе има финални средби со граѓани во повеќе општини, додека движењето БЕСА организира средба со граѓани во Чаир.

Гласањето в недела почнува во седум и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.

Во сабота, ден пред изборите, гласаат болни и изнемоштени лица, затворениците и лицата во притвор.

Право на глас на претстојните локални избори имаат 1.814.644 гласачи.

На шестите локални избори во Македонија учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29-ти октомври.