Шекспировата „Сон на летната ноќ“ на сцената на Битолскиот театар

13.10.2017 12:02

„Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир во режија на гостинот од САД, Џон Блондел вечер премиерно Битолскиот Народен театар ќе ја изведе на матичната сцена...

По изведбата на Охридско лето, шекспировата пиеса „Сон на летната ноќ“, во режија на Џон Блондел, ансамблот на Битолскиот Народен театар премиерно ја поставува и на матичната сцена. Гостинот од Америка, кој по трет пат во Битола режира дело на Вилијам Шекспир, вели дека тоа е една исклучителна драма и според него, најдобрата комедија на Шекспир и воопшто напишана на анлиски јазик.

„Оваа пиеса буди една неисцрпна фасцинација кај мене. Постојано отвара многу прашања на кои ни дава одговори на темите, како што се љубовта, театарот, промените и времето“, вели режисерот Џон Блондел.

Темпераментна претстава во која настапуваат 17 актери. Сметаат дека ова е голем тетарски проект во кој треба да дојде до израз нивниот менталитет, наспроти оној на режисерот.

„Мислам дека ’Сонот на летната ноќ’ е една златна средина помеѓу менталитетот што го имаме ние и она што како американски менталитет го носи самиот режисер“, вели актерката Маја Андоновска.

„Го толкувам ликот на Зевзекс, односно Пак на англиски, мислам дека тоа е еден млад лик што е најдобро напишан воопшто во светската драматургија“, вели актерот Петар Спировски.

До крајот на годината на битолската сцена ќе има уште два проекти. Драматизацијата на романот „Коцкар“ од Достоевски, како последен поддржан од Министерството за култура,  а во сопствена продукција ќе се работи и претставата „Крвави свадби“, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Стевче Митревски