„Нов почеток“ за старт на концертната сезона на Македонската филхармонија

17.10.2017 14:41

Македонската филхармонија соопшти дека новата концертна сала е функционална и ја претстави програмата за новата сезона. За 2018-та се најавуваат нови звучни имиња кои ќе гостуваат на сцената во новата концертна сезона.

Новата сезона во Македонската филхарминија почнува на 25-ти октомври. Стартот со концерт симболично насловен „Нов почеток“. На програмата ќе бидат дела од Чајковски, Респиги и Рихард Штраус. В.д. директорот на установата, Виктор Илиески, вели дека поради техничко- правни процедури, новата сезона почнува со мало задоцнување. Сепак, задоволен е што по 74 години земјава има нов храм на музиката.

Концертната сезона ќе ја отвори пијанистот Дино Имери, а оркестарот ќе го води Борјан Цанев. За вториот дел од сезоната, од јануари 2018-та, најавено е гостување на големи музички имиња.

Покрај поддршката од Министерството за култура, Филхармонијата ќе почне и партнерство со фирми и брендови за да овозможи носење на големи и звучни странски солисти и диригенти.

Установата воведува и нов начин на презентација на концертната програма- рекламирање на концертите со спотови за да се доближи до сите граѓани.

 

Дијана Ценевска