Почнува 36. Скопски џез- фестивал

19.10.2017 10:30

Во четирите фестивалски дена се најавени настапи на врвни имиња во џез-музиката од САД, Европа и Африка.

Со концерт на Давид Хелбок Трио од Австрија и на големиот ансамбл од Норвешка- Трондхејм Џез Оркестра со Оле Мортен Ваган, вечерва во Македонската опера и балет ќе почне 36-от Скопски џез фестивал.

Во четирите фестивалски дена се најавени настапи на врвни имиња во џез-музиката од САД, Европа и Африка.

Ексклузивно, за единствен европски концерт од Чикаго доаѓа една од најдобрите џез-пејачки во светот, Ди Александер (20 октомври). Во иста вечер (21 октомври) ќе настапат две легендарни имиња од САД – Марк Рибо со проектот Јанг Филаделфијанс и Стив Колмен со легендарните Фајв елементс.

Од Норвешка ќе гостува и ансамблот Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит кој ќе настапи на крајот од фестивалот  (22 октомври).  Еден од најдобрите светски џез-пијанисти, Крег Тејборн, ќе настапи со својот квартет, а покрај Давид Хелбок трио, од Австрија ќе гостува и Интерзоне на Марио Ром.

Најавени се и два полноќни концерта со афро-бит легендите Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс и Ентони Џозеф со својата група. Соло-настап ќе има големото име на италијанскиот џез – Роберто Отавиано.