Ди Александер, „Интерзоне“ и Орландо Џулиус вечерва на Скопски џез- фестивал

20.10.2017 11:18

Позната џез-пејачка со својот квартет доаѓа во Европа само за овој концерт. Фестивалот ја најави како изведувач чии таленти се протегаат на секој музички жанр, но дека во најчиста форма се отсликуваат во џез-музиката.

На Скопски џез-фестивал вечер ќе настапи Ди Александер, една од најталентираните и најпочитуваните вокалистки од Чикаго. Позната џез-пејачка со својот квартет доаѓа во Европа само за овој концерт. Фестивалот ја најави како изведувач чии таленти се протегаат на секој музички жанр, но дека во најчиста форма се отсликуваат во џез-музиката.

Во меките, сензуални балади, но и во динамичното „скет-дивеење“, Ди пее со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност. Израсната во опкружување во кое најмногубројни биле плочите на Дајна Вашингтон, таа ги наведува Сара Вон и Ела Фицџералд како свои најголеми влијанија. Тука е и чикашкиот саксофонист Хенри Хаф, кој ја насочи на вистинскиот пат до совршенството во вокалната импровизација, наведува Скопски џез-фестивал.

Пред настапот на Ди Александер во Македонската опера и балет концерт ќе има и триото „Интерзоне“ на трубачот од Австрија, Марио Ром. Групата со својата невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари.

На денешната програма е и еден од двата полноќни концерта на ова фестивалско издание, во Дансинг салата на Младинскиот културен центар ќе настапи музичарот од Нигерија Орландо Џулиус со британскиот бенд „Хелиоцентрикс“. Џулиус од 1960-тите ја популаризира афро-поп музиката и ги соединува традиционалните африкански звуци и ритми со оние на американскиот поп, соул и ритам и блуз.