„Нов почеток“

Филхармонијата ја почнува сезоната во новата концертна сала

25.10.2017 10:49

МРТ со почеток во 20:15 на првиот програмски сервис во живо ќе го пренесува концертот на Македонската филхармонија- „Нов почеток“...

Со концертот за пијано и оркестар Бр.1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер ќе ја почне сезоната 2017/ 2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување поради довршувањето на техничко- правните процедури за новиот објект.

Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература - „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп.28 на Рихард Штраус.

На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.

Објектот за единствениот симфониски оркестар во Македонија, кој постои 74 години е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има акустика и архитектоника по светски стандарди. Има две концертни сали - голема со илјада места и мала со 350, како и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти.

В.д. директорот Виктор Илиески најави дека до крајот на 2017-та година Филхармонијата ќе пречека врвни солисти и диригенти.