„Сахара груп“ почнува со реорганизација на „Џумајлија“

26.08.2013 12:42

Претставници на индиската „Сахара груп“ утре доаѓаат повторно во Македонија за да започнат со реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“.
 
Претставници на индиската „Сахара груп“ утре доаѓаат повторно во Македонија за да започнат со реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“.
 
Првите градежни работи ќе започнат до октомври, а активностите ќе се засилат на пролет, објави ТВ Алфа. Во наредните три години ќе бидат изградени четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, високотехнолошка млекарница, како и објекти за производство на добиточна храна. Дваесетте илјади крави ќе пристигнат од Холандија, во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра – 60 милиони во првите 8 месеци, 70 милиони во наредните 12 и уште 80 до крајот на тригодишниот период.
 
Ќе се вработат 2.000 луѓе од различни профили поврзани со земјоделството, но агрокомбинатот ќе соработува и со локалните сточари. Новите технологии би требало да им ги зголемат приносите и до 30 отсто.
 
Според договорот склучен со Министерството за земјоделство, за земјиштето претставништвото на Сахара на државата во наредните 15 години ќе и плаќа закупнина од 121.000 евра годишно. Ове беше повод за реакции – според опозицијата субвенциите ќе биле поголеми од надоместокот за концесија. Власта тогаш возврати дека за таа површина максималниот износ на субвенции не надминува 85.000 евра,  и оти опозиционерите се обидувале да ги избркаат странските компании.
 
„Џумајлија“ е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обраболиво земјиште и 6.000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1.000 овци и 200 крави. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.