Тевдовски: Каматната стапка клучна за странските пазари

13.11.2017 15:12

Не е исто да се излезе на странски пазар или со еврообврзница која ќе има три, четри и пет проценти или ќе има девет или 10. Ќе донесеме одлука за излегување на странски пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена- вели министерот за финансии...

Буџетскиот дефицит од 470 милиони евра во 2018-та ќе се финансира од домашниот и од странскиот пазар, вели министерот за финансии. Според Тевдовски, странското задолжување ќе зависи од висината на каматната стапка.

Не е исто да се излезе на странски пазар или со еврообврзница која ќе има три, четри и пет проценти или ќе има девет или 10. Ќе донесеме одлука за излегување на странски  пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена, изјави Тевдовски по промоцијата на неговата публикација „Патот напред - Колумни за економскиот раст и социјалната кохезија во Македонија“ на Економскиот факултет во Скопје.

Нагласи дека и годинава со ребалансот на Буџетот беше оставена можност за домашно и странско задолжување, но, како што рече, заради успешното финасирање на домашниот пазар е одлучено да не се излегува на странскиот.

За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи, посочи Тевдовски.