ПЕСКО

Унијата ја промовираше идејата за безбедност

13.11.2017 15:56

Европска одбрана за решавање на меѓународните предизвици – Унијата ја промовираше идејата за безбедност што ќе ги штити и границите. Могерини вели дека задачите и целите нема да се поклопуваат со НАТО. Информира дека има разлика и во мисиите и во финанисрањето. Столтенберг очекува соработка, а не натпревар меѓу двете организации...

ПЕСКО или Постојаната обликувана одбрана е новото име на европската и светската воено- политичка сцена. Унијата ја лансираше својата надворешна безбедност, што ќе ги штити и границите. Во првиот бран основачи се 20 од 28 земји, кои веќе предолжија 50-на проекти. НАТО и ПЕСКО, две организации со задачи и цели кои се преклопуваат. Но, шефицата на европската одбрана не мисли така. Има поддршка и од генералниот секретар на Алијансата.

„Ќе ви кажам кои се разликите. Првата е во делот на мисиите во неразвиените земји. Тоа се алатките што ги има ЕУ, а НАТО како воена алијанса не. На пример, присутни сме во Африка повеќе од НАТО. Ова се однесува на сложената врска меѓу развојот и безбедноста. Вториот пример се парите, кои ние ги вложуваме поединечно, додека НАТО координирано. Ова ќе оди преку Фондовите за европска одбрана кои ги основаме и кои ќе ја развиваат и економијата на земјите-членки“, изајви шефицата на дипломатијата и на одбраната на ЕУ, Федерика Могерини.

„Цврсто верувам во европската одбрана. Повеќето европски лидери се изјаснија дека европската одбрана не се натпреварува со НАТО. Ни треба соработка. По Брегзит, 80 насто од трошоците ќе се создаваат од земји кои не се сојузници во НАТО. Три или четири борбени групи на истокот ќе бидат водени од вакви земји“, вели Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Европската одбрана ќе учествува во решавање на меѓународните предизвици, но силите на ПЕСКО мора да бидат достапни истоверемено и за НАТО порача Столтенберг. Со ПЕСКО ќе командува Европскиот совет.

„За нас има две важни работи. Првата е соработката меѓу членките со што се формира одбраната. Втората е избегнување на дуплирањето на ЕУ со Алијансата“, изјави естонскиот министер за одбрана, Јури Луик.

Моделот за собирање средства за оваа одбрана сепак сѐ уште е неодреден. НАТО бара минимум од 2% за својот буџет, за повеќето членки недостижен. Сега Брисел, односно членките ќе треба да ковертираат свој процент во основањето и одржувањето на ПЕСКО, дополнително оптоварување за оние кои припаѓаат и на двата сојуза.

Во секој случај ќе треба да се види, на кој начин ЕУ ќе ги оформи стратегиските формации, разузнавањето и воениот авиотранспорт, досега монопол на американските сили.

Зоран Богатинов