Случај „Фени“: „Енекод“ побара изземање на Велешкиот суд

13.11.2017 16:38

„Енекод“ побара изземање на Велешкиот суд во случајот „Фени“. Бугарската компанија смета дека надлежноста треба да ја има Скопскиот. УЈП бара над 5,5 милиони евра за неплатени даноци, решение се најавува за 15 дена. Одлука чека и Синдикатот...

Oдложeно првото рочиште за отворањето стечајна постапка за кавадаречки „Фени“.  Бугарската компанија „Енекод“ побара изземање на Велешкиот суд. Смета оти надлежноста треба да ја има Скопскиот. Инвеститорот рече дека пред два дена дознале за дополнителен долг од 5 ипол милиони евра кој комбинатот го има кон Управата за јавни приходи. Не се откажуваат од намерата за преземање на комбинатот.

„Не доставивме нова понуда бидејќи излегоа нови долгови за кои дознавме пред два дена. Ние не сме можеле да ги подмириме долговите за кои не сме знаеле. Ние сме заинтересирани за Фени“- вели Раичо Ањошев Кацаров, од „Енекод“.

Компанијата си даде дополнителен рок од 15 дена за нова понуда до трите банки-доверители, Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд Банка.

Од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударството велат дека ваквата состојба е загрижувачка. Ќе побараат од надлежните да помогнат за да се најде прифатливо решение за сите засегнати, во спротивно, најавуваат нови протести.

Пред два дена протестот на работници од „Фени“ беше ставен во мирување. Сега, сите чекаат што ќе биде со комбинатот, којшто освен 40-те милиони евра долгови кон банките, има и 20 милиони обврски кон други доверители.

Дијана Ценевска