Шпанија ја обвини Русија

14.11.2017 13:31

Шпанските власти откриле групи стационирани од Руска територија кои преку активности на социјалните мрежи влијаеле врз резултатот на каталонскиот референдум...

Официјален Мадрид тврди дека одредени групи од Русија ги искористиле социјалните мрежи за организирање на каталонскиот референдум за независност со цел да ги дестабилизираат Шпанија и Европската унија. Откриена е серија од лажни профили, од кои 50% биле од Русија, а 30% од Венецуела. Официјална Москва, а и претставниците на каталонската власт негираат каква било соработка околу референдумот.

„Голема активност беше насочена од руската територија. Потенцирам: од руска територија што не значи дека биле од владата на Русија. Постојат организации од јавниот или привантиот сектор, кои сакаат да интервернираат во националната политика и да создадат нестабилност во Европа“, изјави Марија Долорес де Коспедал, министерка за одбрана на Шпанија.

И дел од раководството на НАТО, чијашто членка е Шпанија, верува дека постои руска стратегија за дезинформирање со цел да го уништи единството на Западот, особено на Европската унија којашто воведе санкции поради анектирањето на Крим. За британската премиерка Тереза Меј, Русија е закана за меѓународниот поредок. Најави дека ќе ги здружи силите со сојузниците во борбата против активностите на Москва.

„По анектирањето на Крим, Русија создаде конфликт во источна Украина, постојано го нарушуваше воздушниот простор на неколку европски земји, и стартуваше кампања на кибернетичка шпионажа. Се мешаше во избори, го хакираше министерството за одбрана на Данска и на Бундестагот. Инфорамциите ги користи како оружје. Преку државните медиумски организации шири лажни приказни и фотошопирани фотографии за да создаде раздор на Западот и во нашите институции“, рече премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.

На почетокот на годинава, и американските разузнавачки служби го обвинија Кремљ за вмешаност во последните преседателски избори во САД.

 

Маја Филдишев