Бизнис

Австриски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

15.11.2017 16:10

Австриски компании се заинтересирани за вложување во Македонија. Ги разгледуваат можностите за партнерство во производство на фотоволтаици, сирење, машински технологии. Тие што веќе имаат бизниси во земјава, би инвестирале повторно, но велат потребни се дополнителни обуки на работната сила...

Австриските компании кои работат во земјава се задоволни од соработката и од бизнис -климата, покажале анкетите. Сметаат дека има простор за подобрување на економската состојба, вели претставникот на Стопанската комора на Австрија. Сугерираат дека во земјава треба да се работи на едукација на кадар.

Форумот на Македонско- австриската економска соработка е инициран од Стопанската комора.  Има цел да отвори нови можности за македонските компании кон австрискиот пазар.

Според податоците на Стопанската комора, Македонија и Австрија во првите девет месеци од годинава, бележат негативен биланс во трговската размена од 54,3 милиони долари.

Вкупната трговска размена од јануари до септември годинава, изнесува 135,9 милиони долари, односно за пет проценти повеќе во однос на истиот период лани. Извозот во тој период бил 42,6 милиони долари, за 30 проценти повеќе, а увозното салдо 96,9 долари  што пак, е намалување за девет проценти споредено со истиот период минатата година.

Наташа Јанчиќ