Светска банка: 1,5% раст на македонската економија годинава- 3,2% во 2018-та

16.11.2017 13:03

Главен двигател на растот се очекува да биде приватната потрошувачка, како резултат на се поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестиците поврзани со изградбата на двата автопата.

Македонската економија годинава ќе бележи раст од 1,5 проценти, а в година од 3,2 - проекции на Светска банка. Најнискиот раст во регионот според монетарците е резултат на продолжената политичка криза во земјава.

Главен двигател на растот се очекува да биде приватната потрошувачка, како резултат на се поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестиците поврзани со изградбата на двата автопата.

Светска банка препорачува зајакнување на прибирањето на даночните приходи и ревидирање на даночните отстапки. Првичната препорака е да се подобри ефикасноста на прибирањето на даноците, а останатите препораки ќе следат по завршување на анализата за јавните финасии.

Светска банка ѝ препорачува на Македонија и да ја подобри ефикасноста на социјалните трошења, да ги рационализира субвенциите, особено во земјоделството, да обезбеди одржливост на пензискиот систем.

Првата препорака е Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите и да се придржува до законската регулатива, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во подготовка е и техничка анализа која ќе помогне да се намали зависноста на Фондот од трансферите од централната власт.