Светска банка

Македонија со најнизок раст во регионот

16.11.2017 15:23

Македонската економија годинава ќе бележи раст од 1,5, а в година од 3,2 процента– проекции на Светска банка. Најнискиот раст во регионот според монетарците е резултат на продолжената политичка криза во земјава...

Продолжената политичка криза го направи своето и македонската економија годинава ќе забележи најнизок раст во регионот на Западен Балкан од 1,5%, додека просекот за шесте земји ќе достигне 2,6%. Приоритет за Македонија треба да биде фискалната консолидација, зголемувањето на приходите и подобрената ефикасност и во прибирањето и во трошењето на средствата, препорачува Светска банка. Не треба да се дозволи да се загрози фискалната стабилност и да се поткопаат изгледите за раст на економијата, препорачува Марко Мантованели, директор на Канцеларијата за Македонија и за Косово. Треба да се продолжи со подобрувањето на вработеноста, годинава за 2,7% и преку активни мерки да се намалува невработеноста, но притоа да не се создава фискален притисок врз фондовите, велат банкарите. Клучни препораки на Светска банка се:

„Континуирани заложби за фискална консолидација преку кредибилни и трајни мерки,зајакнување на прибирањето на даночните приходи и ревидирање на даночните отстапки, подобрување на ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите, пред се во земјоделството, обезбедување одржливост на пензискиот систем“, вели Бојан Шимбов, економист во Светска банка.

Светска банка забележува дека треба да се работи на зголемување на капацитетот на Фондот за пензиско осигурување,кој редовно добива трансфери од Централниот буџет. Треба да се прекине со „ад хок“ зголемувањето на пензиите, затоа што тие пораснале далеку повеќе во однос на моделот што е предвиден со законот за нивно усогласување, велат вашингтонските банкари.

„Социјалните трансфери би сакале да нагласиме дека во услови каде што Владата треба да ги консолидира своите фискални сметки сите потрошени денари се сметаат и треба ефективно да се искористат. Значи на економијата и препорачуваме повторно да размисли како се дистрибуираат трансферите за да бидат насочени токму на оние на кои што им се најмногу потребни и каде што ќе имаат најдобар ефект. Не станува збор дали ќе бидат високи или ниски, туку да бидат што е можно поделотворни“, изјави Барбара Куња, виш економист во Светска банка.

„Доколку се аплицира законот според таа швајцарска формула, 50% од инфлацијата и 50% од растот на платите, зголемувањето според нашите пресметки би било меѓу 7 и 8% од 2012 до 2017-та, а вака има зголемување од 20% на реална основа,што го создава тој притисок на пензискиот фонд“, додава Шимбов.

Што се однесува до пролонгирањето на пензионирањето, тоа е размислување на ММФ, велат од Светска банка, со појаснување дека во поглед на даночната реформа се уште се анализира дали е подобро проширување на даночната основа или пак, зголемување на даночните стапки, што предизвикува дисторзија во системот,велат банкарите.

 

Свето Николовски