Почна разгледувањето на Предлог- буџетот за 2018-та

27.11.2017 13:11

Министерот за финансии најавува трошење на народните пари на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

Во матичната собраниска комисија почна разгледувањето на Предлог- буџетот за 2018-та. Според министерот Тевдовски се очекува реален економски раст од 3,2 насто. Буџетскиот дефицит се намалува и ќе достигне 2,7% од БДП.

Министерот за финансии најавува трошење на народните пари на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

Во Предлог- буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството: повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски, истакна Тевдовски.

Тој додаде дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството како повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2018 година се планираат на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра.