Комисија за финансирање и буџет

Почна расправата за Предлог- буџетот за 2018-та

27.11.2017 16:07

Почна расправата за Предлог- буџетот за 2018-та година. Предвидено е да трае 10 дена. Народните избраници треба да разгледаат вкупно 239 амандмани. Државната каса за в година е проектирана со рекордни расходи од 3,4 милијарди евра. Власта ветува повисок раст, поголеми плати, враќање на долговите. Опозицијата со забелешки за приходната и расходната страна...

Во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет почна разгледувањето на предлог- буџетот на земјава за 2018-та. Во обраќањето ресорниот министер Тевдовски нагласи дека владата очекува реален економски раст од 3,2% во наредната година. Буџетскиот дефицит се намалува и ќе достигне 2,7% од БДП. Буџетските расходи се проектирани на износ од 211,7 милијарди денари, а приходите на ниво од 193,5 милијарди. Опозицијата со забелешки за висината на државната каса и квалификативите најразвоен и најреформски.

„Во кои компоненти буџетот е најразвоен, а во кои најреформски. Би било добро да слушнеме кои се тие. Зошто е проектиран најголем буџет од осамостојувањето на РМ досега? Оваа година дали со 1% раст на БДП ќе ја завршиме, а имате храброст и толку самоуверено, со голема леснотија, кажувате дека ќе оствариме раст од 3,2%“, изјави Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Власта реплицира, во 2018-та ќе се грижи еднакво за сите граѓани, почитувајќи ги принципите на правичност, одговороност, за да се овозможи стабилно финансирање на сите потреби преку буџетот.

„Во 2018- та продолжува државната помош за исплата на минималната плата од 12 илјади денари. Тоа е проект на СДСМ, коалицијата, заедно со владејачкото мнозинство. Во 2018-та се планирани 6,6 милијарди денари повеќе пари за социјални трансфери, или 107 милиони евра повеќе. Се грижиме за сите подеднакво. Се обезбедуваат нови работни места во градинките, се подобрува грижата за децата. Има пари и за законско порамнување на пензиите. Како што ќе растат платите и трошоците, така ќе растат и пензиите на пензионерите“, изјави Васко Кузмановски, СДСМ.

Ресорниот министер Тевдовски во експозето најави дека во 2018-та нето задолжувањето ќе достигне 29,9 милијарди денари. Од нив 18,2 се за покривање на планираниот буџетски дефицит, додека 11,6 милијарди се планиран депозит од кој ќе се акумулираат пари за враќање на земените кредити кои доаѓаат за враќање наредните години.

Свето Николовски