Аграр

Оризот во магацини, откупот со ниска цена

29.11.2017 10:31

Жетвата на оризот заврши. Родот е добар, но преполовен заради двојно помалку насеаната површина оваа пролет. Откупните цени што се нудат за земјоделците, како што велат не се според пазарната логика. И покрај многу малиот род и малата понуда, голема побарувачка нема, а цените се едвај 15 до 18 денари за килограм арпа...

Оризопроизводителите се непријатно изненадени од понудените ниски цени на оризот.

Иако има за 50 проценти помало производство од последната реколта, трговците им нудат од 15 до 18 денари за килограм арпа и 35 до 38 денари за белиот ориз или приближно исто како и лани.

Временските услови за разлика од другите култури за оризот годинава беа поволни во текот на целата вегетацијата и родот е со добар квалитет.

Површината под оризова арпа за оваа година во кочанско изнесуваше скоро 3.000 хектари, а вкупниот принос е 12.700 тони.

Просечениот принос по хектар е 4.300 килограми.

Двојно помалку насеаните површини поради сушата и недостигот на вода во акомулациите донесе и двојно помали количества на оризова арпа која лани изнесуваше скоро 25.000 тони.

 

Методија Трајков