Поддршка за инвестиции во обновливи извори на енергија

29.11.2017 16:06

Сите заинтересирани домашни инвестори можат да ги користат можностите да инвестираат во обновливи извори на енергија, особено на соларните. За нив ќе може да искористат 65 насто од претпртсиапните фондови на ЕУ...

Сите заинтересирани домашни компании можат да ги користат можностите да инвестираат во обновливи извори на енергија, особено во фотоволтаици, при што ќе можат да искористат и 65% поддршка преку ИПАРД програмата, со што драстично се намалуваат трошоците за енергија, а средствата се враќаат за само неколку години. Ова е пораката на експертите од втората меѓународна конференција за енергетика во земјава. Доколку фотоволтаикот се постави на тло, вложените пари се враќаат за 8-9 години, но доколку се исполнат барањата за користење средства преку ИПАРД вложеното се враќа за 3-4 години.

„Кога фотонапонската централа се става на самиот објект, колку што е потребно на инвеститорот, без ИПАРД парите се враќаат за 5-6 години, можеби и помалку во зависност колку и како троши. Но со ИПАРД за најмалку 2-3 години. Зошто го велам ова? Затоа што средствата од ИПАРД не се неограничени, тие се ограничени, но може за секој граѓанин да се најде начин да влезе во оваа инвестиција, а потоа ќе има бесплатна електрична енергија“, изјави Ѓорѓи Манасков, енергетски експерт.

На конференцијата беа присутни и израелски и турски инвеститори кои, како што рекоа, се заинтересирани да се запознаат со интересни и иновативни проекти во кои сакаат да инвестираат сериозни средства. Освен во енергетиката каде што веќе се присутни, отворени се да вложуваат и во други два сектора, зелената енергија и јавниот превоз.

„Многу се интересни овие проекти со хидроцентрали со кои што почнавме, за да можеме да инвестираме една милијарда долари во овие два проекта, гледаме и други два сектора кои што ќе бидат слободни и многу ќе бидеме среќни да можеме да соработуваме и со други партнери“, вели Рафаел Бен, инвеститор од Израел.

Новиот закон за енергетика е во последната фаза од подготовката, најавија од Агенцијата за енергетика, а поддршката на инвеститорите се зголемува.

„Фидинг тарифите остануваат во игра. Се воведува нов систем кој што се вика „фидинг премиум“ или само „премиум“. Исто така, се воведуваат и системи кои што уште на почетокот ги усвоивме како регулатива, но не успеавме и во практика, а тоа се гаранциите за потекло. Така што ќе имате едно широко поле на можна ефективна поддршка“, изјави Владимир Сарач, в.д. директор на Агенцијата за енергетика.

Агенцијата за енергетика ги повика заинтересираните компании да инвестираат во истражувања на можностите на ветерната енергија, затоа што има простор за изградба на нови ветерни електрани во земјава. На мрежа се веќе 73 мали хидроцентрали, а расположиви локации има за изградба на уште 200 нови.

 

Свето Николовски