Готов е проектот за пругата Кичево- Лин

30.11.2017 15:40

Изготвена е проектната документација за изградба на пругата од Кичево до Струга, па до албанската граница. Чини 7,7 милиони евра. Вкупната изградба на пругата е проценета на околу 500 милиони евра, пари за кои Македонија побара финансиска поддршка од ЕУ. Идната година треба да почне да се гради и делницата од Бељаковце до Крива Паланка.

Готова е проектната и тендерската документација за изградба на пругата Кичево- Лин за која се потрошија 7,7 милиони евра. Евроамбасадорот Семуел Жбогер рече дека ЕУ дава значење на овој проект со кој ќе се доградат деловите што недостасуваат за трансевропската транспортна мрежа. Со оваа железничка линија, Македонија се поврзува со пристаништето во Драч. Пругата е во должина од 63 километри.

За изградба на пругата од меѓународни кредитори ќе се бараат потребните 500 милиони евра. Министерот Сугарески апелира до ЕУ да ја поддржат реализацијата на овој клучен проект.

За изградбата на пругата од Кичево до границата со Албанија и до изградбата на пругата кон Бугарија, е поставен рок до 2025 година.

Изградбата на делницата Куманово- Бељаковце ќе биде завршена до 2019 година. Идната година ќе треба да почне изгрдбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Железничката линија на Коридорот 8 е со должина од 315 километри.

 

Дијана Ценевска