Бизнис

Странските компании тврдат- домашните фирми инертни за соработка

30.11.2017 16:35

Странските инвеститори сакаат да соработуваат со домашните компании, но тврдат дека тие не се ниту кадровски подготвени, ниту со амбиција да одговорат на новите предизвици. Бараат државата да се ангажира во преструктурирање на образовниот систем. Од Владата велат дека ќе има стимулирачки мерки за оние со позитивни резултати...

Само еден процент од странските компании што користат државна помош соработуваат со домашни фирми. „Можности за бизнис има, им недостига амбиција пред новите предизвици, немаат стратешки визии, не се подготвени за ризик“, тврдат инвеститорите посочувајќи го бенефитот преку заедничка долгорочна соработка да им ги отворат вратите на пазарите надвор од земјава.

Не е точно дека странските компании не сакаат да соработуваат со домашните компании. Одговорно тврдам дека сакаме да соработуваме, но милјето наше, нашиот образовен ситем со години не се прилагодува, а тоа продуцира луѓе кои не се спремни на ризици, немаат стратешки визии, што можат и до каде можат, јас кога разговарав со компании- викаат не не, доволно толку, зошто да се вложуват во пожар, да се мачам со вас“, вели Аврам Стојчевски, Асоцијација на автобилска индустрија.

Субвенциите одат кај компаниите во Технолошките зони, да се направи разлика со оние што дејствуваат надвор од нив, плаќаат даноци, а немаат вакви повластувања- бараат од Советот на странски инвестиции.

„Од 136 членки кои ги имаме во Советот на странски инвеститори, околу 120 се странски компании кои се перципираат како домашни компании и тие плаќаат даноци. Десетте топ компании прават обрт од 1,5 милијарди евра и притоа плаќаат даноци од 15 милиони евра годишно без да добијат субвенции, а вработуваат околу 10 илјади работници од Македонија“, Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Во технолошко- индустриските зони има 23 компании, 19 активни во бизнисот. Вработуваат 20 илјади лица, 70 насто од нив преземени како готов кадар од домашните фирми. Помалку од еден процент имаат бизнис со домашни фирми, но најмногу во делот набавка на електрична енергија, вода, кетеринг услуги, обезбедување, чистење- покажуваат владините анализи.

Средината на декември ќе биде објавена нова програма за финансиска подршка, ќе се стимулираат резултати и раст на компаниите, вработувања и исплаќање повисоки плати – тврди вицепремиерот Анѓушев. Директна помош од државната каса за оние што ќе вработат 80 насто невработени пријавени во Агенцијата, лица кои излегуваат од образовниот процес или администрацијата. Може да добијат до 4.700 евра годишно, но само ако даваат плати над 18 илјади денари. Најголема поддршка за оние што 10 проценти од набавките ќе ги извршуваат од македонски компании.

Поддршка за мерките има бизнис заедницата, апелира да се стимулираат иновативните идеи и човечките ресурси.

„Она на што треба државата да посвети внимание е поддршка на иновативните решенија, поголема фексибилност на финансискиот и банкарскиот сектор и надоградба на образованието, соодветно на потребите на странските инвеститори“ – вели Ирена Јакимовска, потпретседател на Советот на странски инвеститори.

Бизнис секторот и Владата се едногласни, потребно е преструктуирање на образовниот систем, да продуцира стручни карди, младите да се насочат кон струките што се неопходни на бизнисот во Македонија.

Сузана Фиданска- Стоевска