Регулаторна со нови тарифи на водните услуги, цените зависат од општините

01.12.2017 15:50

Регулаторна комсиија ги утврди просечните цени на водните ресурси. Од локалните власти ќе зависи дали ќе поевтини или ќе поскапи водата. Од следната година нова услуга во сметките- пречистување на вода.

Регулаторна ги утврди новите тарифи на водните услуги, дали ќе поскапи или поевтини водата од први јануари, ќе пресечат советите на општините и градот Скопје. Според јавно објавените решенија, во дел се предлага намалување, во дел зголемување на постоечките цени. Во главниот град со воведување на дополнителната тарифа- прочистување на отпадните води, конечната сметка адресирана до домаќинставата нема да има големи промени.

„Ако остане минималната тарифа да одлучи градот Скопје ќе биде за 2,68 насто намалено вкупно сѐ до воведување на тарифата за прочистување на водата од следната година што изнесува околу плус два денари. Таа е дополнителна тарифа и е неспоредлива зашто во 2017-та ја немаше. Скопје е едно од најизбалансираните претрпријатија и има една од најевтините цени на водата“, вели Димитар Петов, претседател на Регулаторната комисија.

Регулаторна порача, цената на водата во Скопје треба да се движи од 30,54 до 34,80 денари, просечната тарифа да изнесува 32,68 денари за потрошен метар кубен. Споредбено со постоечката 31,39, поевтинува за 2,68 насто. Но ќе биде оптоварена со новата услуга прочистување, надоместок од два денари.

Најголемо поскапување од дури 500 проценти побарало Јавното претпријатие Злетово- Пробиштип поради високиот капитал и кредити, но комисијата според Петров одобрила тарифа на зголемување од 4,75 насто во однос на постојната цена.

Во рок од 15 дена се чекаат новите решенија, за седум општини одлучува Владата, за останатите 30 локалните власти.

Сузана Фиданска- Стоевска