Досега откупени 8.000 тони тутун, просечна цена 204 денари за килограм

04.12.2017 10:20

До 15-ти декември е последниот рок за почеток на откупот на тутунот. Досега осум од деветте монополи кои најавија дека обезбедиле пари за исплата, ги отворија пунктовите и повеќе од две недели го мерат тутунот. Откупени се скоро 8.000 тони од родот кој се проценува дека оваа реколта ќе тежи 23.000 тони. Просечната цена достигна 204 денари за килограм.

Од пријавените девет, досега осум монополи ги отворија вратите и почнаа со преземање на тутунот. До последниот рок за за почеток на откупната кампања, кој завршува на 15-ти декември, се очекува и последната откупна фирма да обезбеди средства и да ги повика тутунарите да ги донесат договорените количества.

Досега, според Државниот инспекторат за земјоделство се откупени скоро 8.000 од вкупните 23.000 тони тутун, колку што се очекува да тежи родот годинава.

Постигната е просечна откупна цена од 204 денари за килограм, а исплатата ќе се врши според договорите на кооперантите со откупните фирми. Субвенцијата за родот 2017-та е 60 денари за килограм за сите класи на тутун.

Лани просечната откупна цена беше 196 денари за измерен килограм. Откупната кампања, според Законот, треба да заврши на 15-ти март 2018-та година.  

 

Методија Трајков