Намален бројот на жртви од трговија со луѓе

05.12.2017 12:37

И во современи услови на живеење, за жал постои трговијата со луѓе. Во Македонија во однос на последните две години, за една третина е намален бројот на откриените жртви на овој вид недозволена трговија...

Трговијата со луѓе, или современото ропство и понатаму останува еден од најсриозните глобални проблми во суровото кршење на човековите права. Македонија е дел од тој синџир, но за среќа е меѓу последните алки. Во однос на последните две години за една третина е намален бројот на регистрирани жртви.

„До овој момент за годинава се регистрирани една малолетна женска жртва за проституција и еден малолетник како трудова трговија за питачење“, вели претседателката на Здружението за еднакви можности „Семпер“, Зала Бојковска.

Најчеста мета на ваквите трговци се малолетниците од ромската етничка заедница и децата од дисфункционалните семејства. Интернетот и социјалните мрежи се сериозна мамка, велат педагозите.

„Сериозно работиме со децата на тој дел, затоа што непознат пријател може да им понуди многу лажни работи на кои тие можат да залетаат“, вели одделенскиот наставник Снежана Стојанова.

Организациите што ја следат оваа проблематика сметаат дека затајува идентификацијата на жртвите и бараат јакнење на капацитетите за навреме да бидат идентификувани потенцијалните жртви.

„Изминатата година бројот на потенцијални жртви изнесуваше 125 лица, но секако тоа се должи и на мигрантската криза, што не значи дека и тие ќе бидат, но добро е да се превенира“, вели претседателката на здружението „Семпер“.

На светско ниво најголем број жртви на трговијата со луѓе доагаат од афричките земји, а пред нашата земја се и земјите од опкружувањето.

 

Стевче Митревски